Македонија
12. October 2021 - 21:13

Зошто се уште нема избрано тројца судии на Уставниот суд?

Повеќе од четири месеци празни стојат три столици во Уставниот суд. Се чека Собранието да предложи кандидати кои ќе ги заменат тројцата судии чиј мандат заврши во јуни. Според поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски, неодоговорноста на собранието може да предизвика уставна криза и да се загрози опстанокот на државата. Предупредува дека наскоро истекува мандатот на уште еден судија, па можно било судот повеќе да не може да носи одлуки.

„Мислам дека, Собранието мошне неодговороно се однесува. И не само Собранието, туку и политичките сили кои го сочинуваат тоа Собрание, вклучително и политичките партии, мошне неодговорно, бидејќи  се знаеше до кога и колку е мандатот на уставните судии, се знаеше нивниот број и се знаеше дека тројцата судии на кои им е истечен мандатот, требаше до сега да бидат завршен изборот. Уште повеќе што до крајот на годината истекува и мандатот на четвриот судија, Јосифовски“, вели Трендафил Ивановски, Поранешен Уставен судија.

Изборот на нови судии го очекува и Уставен. Претседателката, Кацарска, се надева дека брзо по локалните избори, судот ќе работи во полн состав. Вели, сега нема проблем во донесувањето на одлуки, ама не било исто за нив да дебатираат деветмина, наместо сегашните шестмина судии.

„Судот може полноважно да одлучува доколку се присутни пет судии. Во моментов има шест судии, што значи може непречено да функционираме, а одлуките кои ги носиме се легитимни. Сепак се надевам дека веднаш по завршување на изборите ќе се изберат судиите. Важно е да се нагласи дека сосема е поинаку кога девет судии одлучуваат, без оглед каква ќе биде одлуката“, вели, Добрила Кацарска, Претседател на Уставен суд.

Според деловникот на Уставен, за избор на судии е потребно кандидатите да се истакнати правници кои ќе ги предложи собранието. Во јавноста се споменуваа повеќе имиња за можни уставни судии, дел и најавија дека ќе ја прифатат функцијата ако им биде понудена, но нивните имиња треба да ги предложат членовите на надлежната собраниск комисија.