Македонија
3. January 2026 - 16:47

16-годишниот Стивен Ивановски е меѓу загинатите во пожарот во швајцарскиот бар

Младиот Стивен Ивановски е меѓу загинатите во пожарот во швајцарскиот бар.

Негова блиска роднина за Сител потврди дека по неизвесноста и потрагата низ повеќе европски болници, ДНК анализата потврдила дека 16-годишниот Стивен не успеал да се спаси од огнената стихија. Тој е меѓу четворицата засега идентификувани од швајцарската полиција. Останатите се две девојчиња на возраст од 21 и 16 години и уште едно момче од 18 години, сите швајцарски државјани. Истовремено, потврден е идентитетот на 113 повредени лица. Меѓу нив има 71 Швајцарец, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица државјани на Србија и по еден од Босна и Херцеговина, Белгија, Луксембург, Португалија и Полска.

Бројот на загинати се проценува на 47, а над 120 се повредени. Педесетина од нив се префрлени во болници во други европски земји на специјализиран третман. Помош понуди и Македонија, но од Министерството за здравство велат дека од швајцарските здравствени власти добиле одговор дека во овој момент се фокусираат на поддршка и капацитети од соседните земји и земјите од говорното подрачје на повредените.

„Понудената помош што Министерството за здравство ја стави на располагање се однесува на упатување на тројца хирурзи од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, со искуство во третман на изгореници, согласно конкретните потреби што би ги утврдила Швајцарија, како и можност за болнички третман на тројца пациенти на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија“, велат од Здравство за Сител.

Премиерот Мицкоски изрази сочувство до семејствата на загинатите..

Прелиминарната истрага покажа дека до пожарот дошло поради пиротехника поставена на шишиња шампањ кои биле доближени до таванот обложен со звучна изолација од лесно запалив материјал.

Сведоци раскажуваат дека во барот имало многу малолетници. Контролата на влезот и безбедноста била слаба, а обезбедувањето не реагирало соодветно кога бил пријавен пожарот.

- Немаше излези за итни случаи. Морав сам да направам еден со кршење на прозорец, но немаше светлосна ознака за излез. Немаше ништо означено, и навистина… имаше толку многу чад што не можеше ништо да се види. Половина од луѓето се гушеа во исто време – изјави сведок.

- Дали беа млади луѓе? Дали зборуваме за тинејџери? Дали имаше многу тинејџери? – праша репортерот.

- Тие не обрнуваат нужно внимание на возраста. Тука ни велат: ‘Да, вие сте возрасни’, но има многу што не се. И знаеме некои помлади од нас кои, за жал, пристигнаа (во барот) со нас, затоа што… затоа што луѓето не обрнуваа внимание. Мислам дека обезбедувањето беше многу лошо организирано таа вечер. Затоа што има редари, да, но тие не си ја вршат нужно работата многу добро. Кога викнавме ‘Пожар!’, тие влегоа само да видат каде е пожарот и потоа самите си излегоа. Беше катастрофално – истакна сведокот.

Сопственикот на барот во изјава за швајцарски весник рече дека е длабоко потресен, а од шокот ниту јадел, ниту спиел. Тој и неговата сопруга биле сослушани само како сведоци.

Тамошното обвинителство отвори истрага и засега нема осомничени. Ќе се проверуваат безбедносните мерки, бројот на гости и условите во барот.

Оваа трагедија се смета за една од најтешките во поновата историја на Швајцарија.