2,3 милиони евра за реконструкција на државниот студентски дом во Штип
По долг период на најави и очекувања, студентите во Штип конечно ќе добијат значително подобри услови за сместување.
Од јули започнува темелна реконструкција на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“, проект кој треба целосно да го промени изгледот и функционалноста на објектот. Со инвестиција вредна околу 2,3 милиони евра, дотраената зграда ќе прерасне во современ и енергетски ефикасен студентски дом, со нова фасада, кров и вградени фотоволтаични панели.
- Целосно опремување на студентските соби, со цел да се обезбеди поголем комфор на студентите. Ќе има комплетна реконструкција на кујната со обезбедување на опрема по ХАСАП системи, целосна замена на водоводната и канализационата мрежа, како и на електричната инсталација, како и целосна замена на системот за греење, изјави Гордана Барбашка, директорка на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип.
Домот „Браќа Миладиновци“ е единствениот државен студентски дом во градот и во моментов во него се сместени 130 студенти и 180 средношколци. Според предвидената динамика, градежните работи треба да завршат во рок од 18 месеци. За тој период се работи на изнаоѓање соодветно привремено решение за сместување на корисниците.
- Можна алтернатива за згрижување на учениците и студентите за тој период – се водат преговори со Министерството, така што детали сè уште нема. Сепак, се прават напори сите студенти и средношколци да бидат соодветно згрижени и никој да не остане без сместување, изјави Барбашка.
Проектот за реконструкција се финансира со средства обезбедени од Владата преку заем од КФВ банката и е дел од поширока програма за обнова на студентските домови низ државата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
