Македонија
22. October 2023 - 16:38

2.777 лица настрадале во сообраќајни незгоди за четири месеци

Голем број сообраќајки и жртви на патиштата низ Македонија изминатото лето. Само во периодот од 1-ви мај до 31-август, МВР евидентирало вкупно 1.688 сообраќајни незгоди. 

Настрадале вкупно 2.777 лица, од кои со смртни последици биле 52. Останатите се здобиле со телесни повреди.

Настрадале повеќе мажи отколку жени. Па така, според полицискиот билтен, 1.851 се мажи и 926 жени. Повеќе страдале возачите и сопатниците, а најголем дел се млади од 19 од 30 години, односно 765 лица.

Според познавачите, бројките се лоши и потребни се засилени активности за превенција.

„И оваа летна сезона немаме значителни подобрувања во сообраќајот. Одредениот период го карактеризира повеќе сообраќајни несреќи, меѓутоа има и многу жртви. Институциите не се проактивни во тој поглед, како МВР, така и РСБСП. Апелираме и замолуваме нивните активности по однос на намалување на бројот на жртвите во сообраќајот да се подобрат и да ги следат трендовите на влијателните земји во ЕУ кои имаат помал број на жртви во сообраќајот“ – Игор Митревски, инженер за сообраќај

Најмногу незгоди се случиле во јули – 503 и август – 436. Статистиката покажува дека за многумина кобен бил најтоплиот период од денот, од 14 до 17 часот.

На улица се случиле 191 сообраќајка, 49 на регионален пат и 32 незгоди на магистрален пат.

Според општините, најголем број се во Скопје, Тетово и Гостивар.

Според деновите од неделата, најголем број на сообраќајни незгоди се случиле во понеделник, среда и четврток.

„Од претходното наше искуство и од анализите кои ги имаме видено за земјите членки на ЕУ, сообраќајните несреќи најчесто се случуваат за време на викенд, за жал, кај нас е обратна ситуацијата“ – Игор Митревски, инженер за сообраќај

Од вкупниот број на настрадани, 109 се странски државјани од кои најголем дел од Србија – 31, потоа Турција – 11 и Германија – девет лица. 

Со смртни последици се тројца странски државјани, од Албанија, Унгарија и Србија.