Над 200 семејства од Струмичката епархија ќе добијат празнични пакети од „Елеуса“
,,Подари дел од твојата трпеза , нахрани гладен,, е мотото под кое Фондацијата Елеуса и оваа година ја реализира традиционалната новогодишно божиќна хуманитарна акција преку која се обезбедуваат хуманитарни пакети за граѓаните од ранливите категории.
Годинава се подготвуваат над 200 хуманитарни пакети кои ќе бидат распределени на исто толку семејства од Струмичката епархија. Намерата на фондацијата е ниту едно семејство од регионот да не остане без празнична трпеза во пресрет на големите христијански празници.
Од фондацијата изразуваат жалење што расте бројот на граѓани кои немаат средства ниту за основна трпеза, но од друга страна велат дека ги радува фактот што со секој изминат ден се зголемува бројот на компании и поединци кои сакаат да донираат.
Акцијата со текот на годините прерасна во традиционална хуманитарна активност, која Фондацијата ,,Елеуса,, ја организира неколку пати во текот на годината, за време на големите христијански празници. Во рамки на хуманитарната дејност на фондацијата, околу 50 семејства секојдневно, седум дена во неделата, добиваат топол оброк.
Паралелно со овие активности, течат и подготовките на бадникарските пакетчиња за децата учесници на големиот бадникарски концерт кој веќе стана традиционален. Годинава, според најавите, на концертот ќе учествуваат над 400 деца.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
