Македонија
27. May 2023 - 16:28

300 хектари ќе останат непосеани со ориз, водата не стигнува до нивите

Над 300 ха оризови површини подготвени за сеидба ќе останат непосеани, поради неодговорно однесување на поединци, обвинуваат оризарите од Чешиново-Облешево. Вода за наводнување во брана „Калиманци“ има доволно, но не може да стигне до нивните ниви, а најголем дел од инвестицијата е веќе направен.

  • Се е подготвено, ѓубре е фрлено, испрскано, направивме голем трошок и сега кој ќе ни ги покрие трошоците- Сане Јованов, оризопроизводител.
  • Ова е 90% од трошоците, останува само уште едно прскање и да се жнее. Целиот трошок се става сега, да се обработат и да се подготват за сеидба- изјави Мијалче Кузманов, оризопроизводител.

Пробиени се роковите за сеидба за сите сорти на ориз кои се одгледуваат во Кочанско поле. Стравуваат дека доколку и успеат да посеат, нема да има што да ожнеат. Периодот на вегетација екстремно е скратен, што значи минимален принос.

  • Јас мислам дека нема потреба ниту да ги сееме, одминат е рокот на сеидбата- изјави Роберт Постолов, оризопроизводител.

Со револтираните оризопроизводители се сретна и првиот човек на водостопанство „Брегалница“. Вели дека проблемот е стар со години, зашто се работи за различен вид почва во атарите на Чешиново и Спанчево, кои секогаш доцнат со подготовката на површините кога времето е врнежливо.

  • Проблемот се решава само со цевковод, Чешиново да биде независно од Спанчево. Ние во водостопанство веќе размислуваме и работиме на тој проект, да се реши трајно тој проблем, кој не е од сега- изјави Благојчо Богатинов, директор на водостопанство „Брегалница“.

Проблем е и старата и дотрајана водоводна инфраструктура, која наместо да се санира и рехабилитира, дополнително се уништува.