Аграрот старее, младите се повлекуваат
Просечната возраст на земјоделците во земјава достигнува околу 55 години, што е сериозен показател за недостигот на млади во овој сектор. Доколку овој тренд продолжи, земјоделството во иднина ќе се соочи со значителен недостаток од работна сила. Проблемот со недоволен млад кадар веќе е видлив и во прехранбената индустрија, каде компаниите сè потешко обезбедуваат квалификувани работници.
- Од страна на државата очекуваме поддршка првенствено за создавање на добар кадар, која ќе носи поголема продуктивност на компаниите, со тоа што ќе им помогне да бидат успешни и за извоз и за домашниот пазар“, изјави Бобан Кочовски, претставник од фабрика за кондиторски производи.
Интересот кај младите останува ограничен, делумно поради перцепцијата дека земјоделството е тешка и неизвесна професија. Токму затоа, секторот има потреба од нова енергија и поголема мотивација, имајќи предвид дека младите се клучни за неговиот развој.
- Мораме појасно и погласно да дискутираме на оваа тема, бидејќи се работи за производство, доста динамична област која бара поддршка од младите. Тоа е од една страна, а од друга страна се проблемите со кои се соочуваме ние, како на пример војната на Блискиот Исток. Сето тоа се рефлектира и кај нас, во однос на цената“, изјави проф. Емилија Арсов, декан на Земјоделски факултет – УГД.
Во услови на глобални кризи и раст на цените, потребата од поголемо вклучување на младите во производството на храна станува сè поизразена, што дополнително ја нагласува важноста од нивно активно вклучување во аграрот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
