Македонија
7. August 2025 - 10:47

Аква паркот кај „Борис Трајковски“ затворен поради истечена гаранција на реквизити и економска неисплатливост

 

Нефункционални објекти и реквизити, затворен Aква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала Борис Трајковски“ за 2023 година.

-Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп. Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија, информираат од ДЗР

Со извршените анализи, додаваат, констатирано е дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената; кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и - кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%.

Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови.

Во ревизорскиот извештај е наведено дека друштвото остварува приходи и од продажба на добра и услуги во вкупен износ од 48.812 илјади денари и истите претставуваа 74% од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година.

Овие приходи, во однос на 2022 година се намалени за 3%, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33%. Во 2024 година, остварените приходи од продажба на добра и услуги изнесуваат 55.182 илјади денари и се за 13% повисоки од приходите остварени во 2023 година.

-Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи, посочуваат ревизорите.

Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.

-Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856 илјади денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение, се посочува во ревизијата .

Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на Борис трајковски ДООЕЛ Скопје за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.

-Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР. По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124.234 илјади денари. Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение, посочуваат ревизорите во извештајот.

Тие го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била изградена и опремена спортската сала Борис Трајковски, преку задолжување од Град Скопје за износ од 260.491 илјади денари.

-Долгот кон Град Скопје требал да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќиод 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за 8 години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година. Имајќи предвид дека друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата, се истакнува во ревизијата.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, како и слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за Надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите и други неправилности и неусогласености.

 

МИА