Анализа: Дали падот на инфлацијата е вештачки?
Замрзнатите цени ја намалија инфлацијата, но „борбата“ не е завршена оти ова е само еднократно намалување, велат експертите. Според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, со поскапото парно и растот на ДДВ-то од 5 на 10% во наредните месеци дополнително ќе се подгрее инфлацијата. Владината мерка „гарантирана цена“ е добра и дава резултати, но не го подобри животот на граѓаните, тврди тој.
„Дефинитивно животниот стандард на граѓаните не е подобрен. И покрај овие добри вести, да кажеме, не значи дека животниот стандард на луѓето е подобрен. Студијата покажува дека 100 илјади луѓе ќе западнат во сиромаштија, токму поради ова поскапување на цените. Можеби ќе бидат 80 илјади, ама и тоа е голем број на луѓе. Далеку е работата од добра. Далеку е состојбата од добра. Овие малку добри вести апсолутно не значат дека животниот стандард на граѓаните е подобар“ – Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар.
Јовановиќ смета дека мерката треба да биде продолжена до февруари, бидејќи ако се избрза со одмрзнување, граѓаните повторно ќе се соочат со ценовен шок.
„Ако прерано ги одмрзнат цените, ќе има повторно раст и ова намалување што сега го гледаме ќе се анулира, ќе исчезне практично и ќе се кренат цените повторно. Тоа се случи практично во два наврати во Македонија. Го видовме тоа. И во февруари и лани. Па и во други држави. Во Србија истото се гледа. Секаде тоа се случува, ако ги одмрзнете прерано цените, фирмите го искористуваат тоа и ги креваат цените повторно до плафон за да го надоместат она што го изгубиле во периодот на замрзнувањето“ – Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар.
Во оваа насока оди и денешната анкета на „Фајнанс тинк“ според која, замрзнувањето на цените, без да биде познат датумот за негово завршување, е клучно за смирување на инфлациските очекувања.
Од граѓаните кои очекуваат слични или пониски цени до крајот на оваа година, како најчеста причина го истакнале постојното и очекувано забавување на економијата.
Во септември владата одлучи да ја замрзне цената на 25 групи производи, а по нецели три недели го зголеми ДДВ-то на илјадници акртикли со образложение дека се луксузни или дека не се здрави. Меѓудругото поскапеа сите видови риба освен осличот, чипсот, мајонезот, сите апетисани и зачини, мастиките... Иако рекоа дека цигарите ќе поскапат по Нова година, од минатата недела тие се продаваат по 10 денари поскапо.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
