Бизнис
24. December 2022 - 21:15

Анализа: Како ќе влијаат измени во законот за добивка на компаниите?

Клуч на врата им се заканува на дел од малите и микро фирми ако се усвојат законските измени кај данокот на добивка. Компаниите кои оставруваа до 3 милиони денари приход во годината, до сега беа ослободени од плаќање данок. Но, од први јануари имаат право на избор – или 10% данок на добивка или 1% од вкупниот приход

- Ако се усвои ова законско решение ќе дојде до затворање на дел од фирмите, отпуштања на вработените и голем дел ќе станат социјални случаи, а ќе се поттикне и иселувањето на работната сила, што веќе е проблем за државата, изјави Анастасија Илиевска, поранешен директор на УЈП.

Со ваквата реформа на удар ќе бидат околу 50 илјади деловни субјекти, реагират и од Сојузот на Стопанските Комори. Наместо власта да се бори против нелојалната конкуренција и да ги опфати оние сујбекти кои работат во сива економија, им наметнува дополнителни давачки на тие кои чесно заработуваат. Во оваа категорија спаѓаат најголем број субјекти во државата, со исклучок на занаетчиите кои ги исполнуваат условите за паушално одданочување.

- Кај занаетчиите морам да потенцирам, дека не се сите опфатени, туку само дел кои подлежат на паушално одданочување. Сите останати, како фризерски, козметички салони, кои имаат фискален апарат, тие се опфатени со ова, ново даночно решение, додава Илиевска.

Од ССК реагираат и за казнената одредба, каде фирмите треба да платат петкратен износ на данокот во случаи кога обврзникот не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложување во материјални средства. Сметаат дека на овој начин се остава простор за субјективно одданочување и казнување, дестимулирање на инвестициите и можност за коруптивни активности.

Инаку предлог законот веќе е во Собранието, а се очекува да стапи на сила по Нова година.