Андоновски: Станови со иста големина во различни згради плаќаат нееднакви сметки за парно
Станови со иста големина, во различни згради плаќаат нееднакви сметки за парно, вели заменикот на народниот правобранител. Причина, за тоа, според него, се исклучените потрошувачи, па топлинската енергија предвидена за нив ја плаќале тие што останале на мрежата.
„Во една зграда, на пример, живеат 20 станбени единици, во случај доколку сите користат парно, ќе плаќаат Х износ на топлинска енергија, на пример, 1.500 денари. Додека, пак, во друга станбена единица, со иста квадратура, ако половина од станарите се исклучени, таа сума ќе биде значително поголема, а неретко двапати, па и повеќе поголема. На овој начин е воведена една дискриминаторна и непазарна мерка која овозможува компанијата да наплаќа поголем износ за услуга којашто ја дава за сметка на они корисници коишто се исклучени од услугата топлинска енергија“ – Јован Андоновски, заменик народен правобранител
До институцијата Народен правобранител пристигнале повеќе жалби од корисници кои рекле дека се оштетени. Андоновски смета дека засегнати се голем број граѓани.
„Најеклатантен пример беше пензионерскиот дом во Аеродром каде живеат ранлива категорија на пензионери со ниски примања. Најчесто се самци кои немаат сопствен имот. За петнаесетина квадрати соба плаќаат и по 3-4 илјади денари од причина што значителен дел од станарите во тој дом се исклучени од услугата. Во разговор со официјални лица на што се должи тоа, одговорот беше дека компанијата доставува толкава количина топлинска енергија како да сите станбени единици користат парно греење. Тоа е апсурд. Во тој случај, топлината во тие простории би била значително поголема, а гледаме дека таа се движи околу оној определен минимум, околу 20 степени“– Јован Андоновски, заменик народен правобранител.
Андоновски уште минатиот месец поднел иницијатива до Регулаторната комисија за енергетика, но тврди дека иако рокот е поминат, одговор нема добиено. Доколку нема реакција, најави дека ќе бараат надзорна расправа во Собранието, за пратениците да дискутираат по ова прашање.
Од РКЕ за Сител посочуваат дека „во извештајот од Енергетска заедница за 2022 година е потенцирано како загрижувачко мешањето (интервенциите) на Народниот правобранител во независната работа на Регулаторот во поглед на начинот и висината на одредувањето на тарифите“.
Став побаравме и од ЕСМ.
„ЕСМ Снабдување не е запознаено со иницијативата која ја наведувате поднесена од Народниот правобранител до РКЕ“, кусо ни одговорија оттаму.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
