Македонија
31. August 2023 - 16:35

Арсовска повторно не се појави пред советниците - Премиерот најави преземање на проекти на градот од страна на владата

Столчето на градоначалничката Арсовска во градското собрание и денеска остана празно. Повторно не се појави на седница. Таа требаше да одговара на советнички прашања. Планирано беше и да се гласа за капитални проекти, преименување на улици и враќање на споменикот на Ќосето. Но, советниците се налутија оти Арсовска неколкупати по ред не доаѓа и побараа пауза за да се обезбеди нејзино присуство.

„Што е поважно за Арсовска и каде е таа, од нејзината обврска да биде тука да работи за Скопје и скопјани? Дали таа мисли дека до крајот на својот мандат ќе ги избегнува проблемите на граѓаните, ќе ги избегнува граѓаните и нема да работи транспарентно во нивниот интерес? Неколку седници по ред таа не е тука. Одговори на прашањата не добиваме. Транспарентност од неа нема никаква. Не сме запознаени со ништо што прашуваме“ – Марија Андоновска, ВМРО-ДПМНЕ

Откако ни по паузата Арсовска не се појави, седницата беше прекината. Од Градот Скопје кои не одговараат на актуелни прашања, како на пример, зошто не се поправа мостот Беласица, сега експресно реагираа.
„Славески веројатно чекајќи инструкции од својот партиски шеф денес го блокираше рамномерниот равој на градот кој самиот го промовираше шетајќи од врата до врата со програмата „За Модерно Скопје“ на градоначалничката Данела Арсовска. Апелираме до Мицкоски навреме да им ги каже инструкциите на своите советници кои очигледно без негов амин не знаат како да гласаат “, велат од Градот.
Премиерот, пак, вели дека владата ќе помогне кај сите проекти кои се заглавени.

„На граѓаните им е доста од кавги и препукувања меѓу политичарите. Граѓаните не заслужија оние што ја промовираа, коишто ја кандидираа, ја поддржаа и и направија кампања на градоначалничката на Скопје, цел ден, две години со неа да се расправаат. Граѓаните не седат цел ден и да чекаат вести за да видат што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе каже за градоначалничката на Скопје и што таа ќе му одговори. Што фајде имаат граѓаните од тоа? Немаат никакво фајде“ – Димитар Ковачевски, премиер

Градоначалничката последен пат на седница се појави на 30 мај. Оттогаш не доаѓа ниту на редовните, ниту на вонредната седница за ѓубрето. Редовно има активности низ Скопје, ама на нив не ги кани медиумите, туку си објавува слики и видеа на фејсбук.