Македонија
8. January 2026 - 16:35

Филипче го одби Мицкоски за лидерска, тој пак не се откажува од состанокот

Филипче не седнува на лидерска маса со Мицкоски. Лидерот на СДСМ го одби предлогот на премиерот за средба на која парламентарните партии требаше да разговараат за заглавениот избор на Народен правобранител, за реформските закони поврзани со евроинтеграциите, но и за укинување на техничката влада пред избори.

Доколку сакаат избори, Филипче им порача на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ сами да си ги распишат.

СДСМ, во текот на изминатиот мандат, беше согласна техничката влада да се тргне од Законот за Влада како привремено решение воспоставено за изборите во 2016 година. Но, сега се предомислуваат, бидејќи, како што велат, владеењето на ВМРО-ДПМНЕ покажало дека партијата не ги сменила навиките и сè уште владее недемократски.

Доколку, сепак, власта го послуша советот на Филипче и самостојно ја укине техничката влада и распише предвремени избори, СДСМ ќе учествува во изборниот процес. Како што вели лидерот на партијата, сега граѓаните знаеле дека вистината била на страната на СДСМ.

Од ДУИ, пак, се воздржани.

„Поканата сè уште не е испратена, туку само најавена. Кога ќе пристигне, ќе градиме став во врска со неа“, велат од ДУИ.

По ставот на Филипче дека нема да седне на иста маса со Мицкоски, премиерот денеска оцени дека СДСМ се однесува незрело и неодговорно и дека лидерската средба не е поврзана само со техничката влада, туку и со други клучни прашања.

Лидерската средба Мицкоски ја планирал за 14 јануари, пред неговото заминување на конференцијата во Давос. И покрај одбивањето на СДСМ да учествува, премиерот не се откажува од средбата и најави дека до утре ќе испрати официјални покани.

Ова не е првпат во изминатите месеци да се споменува можноста за лидерска средба, особено во контекст на изградба на стратешки план за евроинтеграциите. Тогаш иницијативите доаѓаа токму од Филипче, но беа одбиени од Мицкоски.