Одрони на патиштата на истокот, „Македонија пат“ 24 часа на терен
Интензивните врнежи од дожд, на повеќе патни правци во источниот регион предизвикааа одрони од земја, камења и карпи, кои делумно или целосно ги блокираа коловозите. Најпогодени се планинските и ридско-планинските делници, каде што нестабилниот терен, дотраената инфраструктура и недоволната превентивна заштита создаваат сериозен ризик за сите учесници во сообраќајот.
Возачите се соочуваат со отежнато движење, намалена видливост и опасност од ненадејни одрони, особено во ноќните часови.
-Одрони се чистат непрекинато веќе 24 часа. Синоќа имавме интервенција на патниот правец од Делчево до с. Истибање и од Македонска Каменица до рудник „Саса“ со 3 машини и 5 камиони опремени со ножови, толку многу имаше одрони, изјави Влатко Цоневски, „Македонија пат“- подружница Штип.
Во Делчево и на патот кон Пониква започна да врне снег, па екипи на „Македонија пат“ паралелно работат на расчистување и на снежните наноси.
-Имаме 2 возила опремени со ножови за чистење на одрони и едно возило на интервенција на чистење на снег кон Пониква. Во моментот почнува да врне во Делчево. Снежната покривка е мала, од 3 до 5 см, но мора да се интервенира. Имаме возила, камиони опремени со ножеви и „соларки“ кои се спремни да чистат и снег, додаде Цоневски.
Засега патните правци се проодни, нема забрани и ограничувања, но има препорака за крајно внимателно возење, со намалена брзина и прилагодување на условите на патот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
