Македонија
19. July 2023 - 12:40

Бесплатен линиски превоз ќе добијат жителите од 20 рурални населби во Пробиштип

Општина Пробиштип од денес воведе бесплатен линиски превоз, два дена во неделата, односно во понеделник и среда, кога е и пазарен ден. Бесплатниот линиски превоз опфаќа 20 рурални населби во општината, а има за цел олеснување на комуникацијата на населението со урбаниот центар, за извршување на своите потреби.

Ова е за прв пат еден ваков проект, кој дојде на барање на претседателите на месните заедници, се со цел да се подобрат условите на нашите сограѓани коишто живеат во овие рурални средини- изјави Драган Анастасов, градоначалник на Општина Пробиштип.

На социјалните мрежи и во населените места е објавен распоредот кога ќе поминуваат превозниците, но и кога ќе се враќаат од градот Пробиштип. Првично проектот го иницираше Здружението на пензионери, но ќе го користат сите.

Како таргет група се повозрасните наши сограѓани, но секако ќе можат да го користат сите граѓани, со оглед на тоа што станува збор за бесплатен превоз на граѓаните на општина Пробиштип. Нормално, доколку имаме барања или потреби, со оглед на анализите, во следниот период може и да се опфатат и други населени места во општината, додаде Анастасов

Локалната самоуправа за реализацијата на овој проект до крајот на годината, ќе издвои 563.000 денари од сопствениот буџет. Превозот го вршат лиценцирани локални превозници.