Блокади во голем број градови во Србија, полицијата се обиде да влезе на Правниот факултет
Српската жандармерија доцна синоќа употреби физичка сила врз студенти пред Правниот факултет во Белград, по што според студентски тврдења, привела четириесетина студенти како и професорка. Жандармеријата потоа се обиде да влезе во факултетот, но командирите ја спречија во тоа, јавија белградски медиуми.
„Полицијата дојде со возила и ги нападна студентите. Тие се повлекоа кон и во зградата на факултетот, потоа полицијата дури дојде и до факултетот, додека командирите викаа, не влегувајте…Извлекуваа студенти за да ги приведуваат, им ги врзуваа рацете со ленти и лисици и ги тепаа. Ја удираа и поранешната судијка на Врховниот суд која беше таму, изјави за ТВ Н1 познатиот српски новинар Вук Цвијиќ.
Како што објавија студентите на Правниот факултет во блокада на социјалните мрежи, полицијата „се залетала кон студентите кои мирно седеле, потоа полицајците силно удирале на влезната врата од факултетот“. Тие објавија и видеа на социјални мрежи од полициската акција
Во текот на синоќешните протести во Белград полицијата приведе и неколку средношколци кои исто така повикаа на граѓанска непослушност. Подоцна беа ослободени.
Еден студент од Факултетот за технички науки кој вчера се здоби со тешки телесни повреди додека бил приведуван и потоа ставен во полициско возило, во текот на денов итно ќе биде опериран. Тој им тешки повреди на лицето.
Низ цел Белград – трет ден по ред – до доцна во ноќта имаше протести на студентите во блокада и граѓани кои им се придружија изразувајќи со тоа граѓанска непослушност. Полицијата беше распоредена најмногу во опрема за разбивање демонстрации.
Протести синоќа и вчера имаше и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац, Заечар и други градови во Србија.
На 1 јули, студентите повикаа на прекин на работата сe додека не се исполнат нивните барања – предвремени парламентарни избори, и отстранување на шаторите поставени пред 3 месеци во центарот на Белград во Пионирски парк и не се ослободат сите уапсени студенти.
На Видовден, 28 јуни, во Белград се одржа голем протест организиран од студентите во блокада на кој беше поставен ултиматум до владата да му предложи на претседателот да издаде указ за предвремени парламентарни избори.
Канцеларијата на ОН за човекови права синоќа објави дека внимателно ја следат ситуацијата во врска со протестите во Србија, и ги повикаа властите да ја почитуваат слободата на изразување и собирање.
„Внимателно ја следиме ситуацијата бидејќи имаше извештаи за насилство, малтретирање и произволни апсења на демонстранти“, објави канцеларијата преку социјалната мрежа X и ги повика властите во Белград да „се воздржат и да ја почитуваат слободата на изразување и мирното собирање“.
Во краткото соопштение се наведува и: „Повикуваме на спроведување мерки за градење доверба за да се отвори патот за обновување на општествениот договор“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, за време на неговата посета на Белград кон крајот на мај оваа година, рече дека забележал „длабока поларизација и поделба во општеството“ во Србија.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Приведени двајца тинејџери кои извршиле обљуба врз две малолетни девојчиња
-
Teма на денот со Мариуш Бримора, амбасадор на Полска
-
Силен пожар беснее во кочанско Вранинци – Се бара хеликоптерска поддршка
-
Учениците од следната година ќе учат програмирање и употреба на алатки базирани на вештачка интелигенција
-
Фискалниот совет со порака – Внимателно со најавените задолжувања
-
Преглед на вестите од светот
-
Европските партии го бришат македонскиот јазик и идентитeт од извештајот