Босилово и Василево добија канцеларии за дијаспора
Општините Босилово и Василево отвараат канцеларии за дијаспората. За таа цел и двете локални самоуправи потпишаа договори за соработка со министерот задолжен за дијаспора. Канцелариите ќе имаат посредничка улога и ќе овозможат поврзувањето на дијаспората со централната и локалната власт, како и невладиниот сектор во државата. Целта е на сите граѓани од дијаспората да им се олесни комуникацијата со институциите во матичната држава, но и зајакнување на довербата во истите.
За градоначалниците потпишувањето на договорите е значаен чин за нивните општини бидејќи и двете имаат голем број граѓани кои живеат надвор од границите на државата. Преку таканаречениот центар за дијаспора сите иселеници добиваат подобра врска со државните институции и можност за полесно и побрзо остварување на одредени права за кои имаат потреба.
Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора предлогот за отварање канцеларии го доставил до сите општини во државата. 23 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа веќе го прифатиле предлогот. Шест од нив, меѓу кои Босилово и Василево ги потпишаа договорите. До крајот на месецот се очекува договорите да ги потпишат и останатите 17.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар