Брисел со поддршка за Западен Балкан, најавени 338 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора
Иднината на Западен Балкан е во ЕУ, но без реформи нема напредок.
Ова стои во усвоената декларација по вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Во документот се нагласува значењето на помирувањето и добрососедските односи како услов за членство во Европската Унија, меѓу нив во посебна точка е потенцирано спроведувањето на Преспанскиот договор и договорот за добрососедство со Бугарија
- Повторно ја истакнуваме важноста на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа. Ги повикуваме сите партнери од Западен Балкан да го забрзаат спроведувањето одлучни и веродостојни реформи, особено во областа на фундаменталните принципи, и да ги исполнат обврските потребни за напредување на патот кон Унијата. Истовремено, и ЕУ треба да ги унапреди сопствените подготовки и реформи за проширена Унија, пишува во документот, според кој усогласувањето со европската надворешна политика останува приоритет, Брисел бара посилна борба против корупцијата и организираниот криминал, а Унијата и натаму ќе инвестира во енергетиката, транспортот и дигиталното поврзување со земјите од регионот.
По вчерашниот совет, европските челници повтроно го потенцираа напредокот на Црна Гора и Албанија како доказ дека членството во Европската Унија не е илузија, туку реална можност за оние што се посветени на процесот.
Најавено беше и зголемување на финансиска поддршка за Македонија, Албанија и Црна Гора во наредните недели, во вкупен износ од 338 милиони евра.
Премиерот Мицкоски од собраниската говорница денеска откри дел од разговорите според кои Македонија била пофалена за реформскиот напредок.
Премиерот го повтори ставот дека државата останува посветена на своите задачи, но за идентитесски прашања нема да се разговара.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
