Македонија
26. November 2026 - 16:34

Платено отсуство од работа за жртвите на насилство, ССМ бара итни законски измени

Платено отсуство од работа за работниците кои се жртви на насилство, бара Сојузот на синдикати. Неопходно е итно да се направат законски измени, вели првиот синдикалец Трендафилов, бидејќи никој не смее да биде принуден да избира меѓу сопствената безбедност и егзистенцијата.

„Не смееме да дозволиме жртвите на насилство да ги губат работните места и да останат без егзистенција токму во најтешките моменти од животот. Доколку институциите потфрлиле во спречувањето на насилството, наша обврска е да реагираме и јавно да го осудиме секој таков случај“, кажа тој. 

Податоците на ССМ покажуваат дека за две години во Комисијата за антидискриминација пристигнале 184 претставки од жени за дискриминација и вознемирување на работа. 

Во изминатите три години, Комисијата утврдила 43 случаи во кои жените биле дискриминирани на работа. Во 16 причината биле полот, бременоста или мајчинството – 11 во приватни фирми и пет во јавни институции.

„Правдата не значи само заштита на жртвите и одговорност за сторителите, туку и спречување на насилството пред воопшто да се случи“, рече Ивана Димитрова, претседателка на Секцијата на жени при ССМ.

А како изгледа синдикалната борба кога довчерашниот колега станува директор? 

„Во моментот кога доаѓа промената од сцена, на пример, до канцеларија и столче, има разлика. И тогаш стануваш од колега можеби и, да не се изразам така страшно, еден вид државен непријател, затоа што сакаш да ги одбраниш колегите“, вели Tања Мицков од Синдикатот на културата.

Вознемирувањето на работното место не доаѓа само од мажи.

„За жал, ние имаме директорки, да речам, или претпоставени жени коишто верувајте ми дека се исто безобразни како и мажите. „Гуско, глупава, ништо не знаеш“ и такви некои работи“, кажа Веска Пецова од синдикат во приватниот сектор. 

Според истражување на Меѓународната организација на трудот, речиси секој четврти работник во светот доживеал насилство или вознемирување на работното место.