Македонија
21. March 2022 - 16:32

Цако е оптимист, промените се можни кога има поддршка

Цако како што го познаваат сите веќе две години работи во градската администрација. Александар Матовски иако има Даунов синдром дипломирал на Педагошкиот факултет, а сега е ангажиран со секторот за социјална и детска заштита во Град Скопје и вели дека има голема подршка од колегите.

- Сум среќен што ме прифатија онаков каков што сум и што соработувам со професионалци во нашиот град Градот Скопје, вели Александар Матовски – Цако.

Цако вели дека генерално бил прифатен и од соучениците и во основно и во средно.  

- Јас цело време бев во редовно училиште, основно завшив во Влае, средно во Ѓорче и факултет во Карпош. Сите сме биле деца и помалку сме се закачале, вели Цако.

Покрај работните обврки Цако во слободното време пишува и поезија, има своја радио емисија, а заплови и во актерските води.  Тој е еден од примерите дека и лицата со Даунов синдром можат да бидат успешни доколку имаат подршка од најблиските и од средината во учат, работат и живеат.

Но, случајот со малата Амбла од Гостивар од пред 1 месец кога беше бојкотирана од родителите на соучениците уште еднаш ги изнесе на површина стереотипите на општеството кон лицата со Даунов синдром.

- Уверен сум дека со континуирано подигање на јавната свест и јакнење на инклузивните услуги, можеме да им овозможиме на нашите сограѓани со Даунов синдром да имаат исполнет живот, базиран врз еднаквост и недискриминација. Да ги напуштиме стереотипите, да се фокусираме на функционалноста и развојот на вештините на лицата со Даунов синдром, со цел да им дадеме простор во нашето заедничко општество, порача претседателот Стево Пендаровски.

- Да треба да се зборува, тука се медиумите, тука се институциите и јас верувам дека се ќе биде убаво, како што денеска е убав денот, порача Цако.