Бизнис
9. January 2026 - 16:39

Цените на храната и оваа година ќе останат исти, смета бизнисот

Значителен пад на цените на храната годинава нема да има, смета бизнисот. Благо намалување кај одредени производи е можно, но кај житарките и шеќерот цените ќе одат нагоре, и затоа генерално промени не се очекуваат. Стабилизирање на инфлацијата е можно, само ако заврши војната во Украина и ако се зголеми домашното производство, пред се, на овошје и зеленчук, вели претседателот на ССК.

Намалување и стабилизација на инфлацијата е можно ако заврши војната во Украина, затоа што е таа голем производител на житарки, па така би се намалиле цените. Но генерално, фокусот треба да се насочи кон домашното производство. Таму е суштината. Инаку дефинираните цени кои што се, помалку или повеќе, ќе останат исти, изјави Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојуз на Стопански Комори.

Откако премиерот за високите цени ги обвини маркетите и ги повика да го почитуваат законот за нефер трговски практики, за да не стават клуч на врата, од ССК велат ако владата има докази, слободно нека казнува.

Ние немаме информации дали се почитува или не законот. ССК имаше голем удел во креирањето на тој закон. Државата има механизми да провери дали се почитуваат одредбите или не. Врз основа на тоа може да одреди казна или да не одреди казна. Нашот став е таков, додава Ѓорѓиевски.

Организацијата за храна на Обединетите нации денеска објави дека индексот на цените 4-ти месец по ред паѓа. Во декември поевтиниле млечните производи, месото, растителните масла, додека поскапеле житарките и шеќерот. Пониски цени на храната и пад на инфлацијата објави и Евростат. Кај нас, вчера статистика измери дека лани трошоците за живот биле повисоки за 4,1 отсто во споредба со 2024-та.