Човечки фактор е причина за пожарот кој синоќа избувна во градската депонија во Штип
Причина за пожарот кој вчера избувна на градската депонија „Трештена скала“ во близина на Штип и се прошири надвор од кругот на депонијата опожарувајќи десетина хектари нискостеблеста вегетација, повторно е човечкиот фактор. Меѓутоа, од ЈП „Исар“ кое стопанисува со местото каде што се одлага отпадот, велат дека не можат да поведат кривични постапки против осомничените, зашто немаат документиран доказ, а и бидејќи се работи за планска неуредена депонија која е отворена од повеќе страни.
- Ќе се обратиме до општината, како би побарале за периодот кој следи, кога температурите се доста високи, да овој потег биде забранет за движење од страна на физички лица, се со цел да не дојде до ситуација, не само депонијата, туку и во нејзина близина настане пожар- изјави Кирил Зајков, директор на ЈП „ Исар“-Штип.
На плус 40 доаѓа и до самозапалување на отпадот поради испарувањата на гасовите кои што ги продуцира самиот смет. Затоа и граѓаните, но и индустријата треба многу повеќе да внимава на примарнат селекција на отпадот, што е главна превентивна мерка.
- Факт е дека на самата депонија, во комуналниот отпад, се повеќе и повеќе се одлага и амбалажниот отпад, односно, картонот, пластичните фолии, индустрискиот отпад, кои би можеле да доведат до состојба на палење- додаде Зајков
Опожарувањето на градските депонии, кои се неуредени, но и незаконски е честа појава во сите општини од истокот и североистокот. Решението е во изградба на регионална депонија, со што постојните ќе бидат затворени и санирани, меѓутоа овој проект се уште чека за конечна реализација.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар