Дефект го остави РЕК со само еден функционален блок
Скинати цевки го исклучија од мрежа првиот блок на РЕК Битола. Најголемиот производител на електрична енергија во моментов работи само со еден блок. Од компанијата велат дека секој од трите блока има котел составен од цевки во должина од околу 700 километри, низ кои поминува пареа со топлина од над 500 степени целзиусови. Откако ќе се изладат цевките ќе се пристапи кон санација на дефектот. Кога точно очекуваат да се врати во нормала Блок 1, велат дека никој не може да предвиди, но се надеваат дека ќе биде во најкус можен рок. Инаку и Блок 3 е надвор од функција, бидејќи се уште не е завршено инсталирањето на трансформаторот, што значи дека потребите за струја се задоволуваат само од еден блок на РЕК Битола и еден блок од Тец Неготино.
Пред два дена и ТЕЦ Осломеј е исклучен од мрежа, откако се јавиле неочекувани вибрации по минатонеделниот пожар. Според експертите, дефекти имало и ќе има, затоа што капацитетите се дотраени и не можат да издржат да работат со полн капацитет. Проблемот со недостиг на струја се надополнува со увоз на скапа електрична енергја, од надвор
Инаку од ЕСМ уверуваат дека недостиг на струја нема да се јави на пазарот, а секое отстапување ќе се компензира. Во изминатото деноноќие ЕСМ произвело над 18 илјади мегават часови електрична енергија, количина доволна за целосно да ги задоволи потребите на домаќинставта и малите потрошувачи. Но тогаш работеа двата блока на РЕК Битола.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
