Државниот врв ќе го решава проблемот во ОУ „Тодор Јанев“ во Општина Чашка
Високи претставници на државниот врв ќе кројат решение за состојбите во основното училиште Тодор Јанев во Чашка. На состанок утре во Собрание, Џафери, Шаќири и Маричиќ ќе се сретнат со првиот човек на општината, но и со претставници на Советот на родители.
Во носење на решение случајот во кој родителите над два месеци се на улиците и не ги пуштаат своите деца на настава поради отворањето на албанска паралелка со пет првачиња, ќе се вклучат и пратеници. Ненад Коциќ и Мухамед Кадриов за Сител потврдија дека ќе се најдат во улога на медијатори. Двајцата доаѓаат од редовите на владејачката партија.
Извори на Сител потврдуваат дека состанок меѓу градоначалникот на Чашка и Шаќири бил одржан и вчера, но не резултирал со решение, оти на истиот не присуствувале и претставници од Советот на родители. Денеска од МОН, не одговорија на нашите прашања во однос на тоа кои се наредните чекори кои ќе се преземаат за решавање на бојкотот на наставата.
Во меѓувреме продолжуваат протестите. И денеска, исто како и вчера, родители со автомобили три часа го блокираа патниот правец Велес-Извор-Прилеп.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
