Македонија
5. January 2026 - 16:27

Двајца возрасни и пет деца со повреди од петарди завршиле на Клинички - дали се потребни поголеми казни?

Двајца возрасни и две деца останале без дел од прстите поради користење на петарди за Нова Година. Со сериозни повреди од пиротехнички средства само на Клинички завршиле седум лица. Изминатите денови повредени од пиротехника биле примени и во Стара градска и ГОБ “8 септември”. На Клиниката за пластична хирургија третирале двајца 50-годишници во два одвоени инциденти.

-Повозрасниот на возраст од 58 години, кој му покажувал на внукот како се пука петарда, а вториот е 50-годишен маж, на кого му експлодирала петарда во раката додека ја земал од детето. И на двајцата им беше извршена ампутација на прстите“, рече д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

-Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда треба лекување и трајни последици по нив, рече Азир Алиу, министер за здравство.

Иако на дел од повредените им биле ампутирани прсти, а полицијата информираше за зголемената заплена на пиротехнички средства дури 252.000 парчиња и кривични пријави за 37 лица во текот на 2025 година, силните експлозивни звуци не изостанаа од улиците и овие новогодишни празници, посебно во главниот град.

За да се намали употребата на педарди и останата пиротехника и министерот за внатрешни работи размислува за заострување на казните кои сега за продажба од страна на физички лица се движат од 100-500 евра, а за правни субјекти од 2000-6000 евра.

-И сум лично на размислување во делот на заострување на казнена политика која што е поврзана со, особено со ваков тип на криминал и нелегални дејности, во делот на санкционирање на оние коишто тргуваат, увезуваат, шверцуваат, продаваат или на било каков начин допринесуваат пиротехниката да заврши во рацете на дечињата, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Инаку, во последната поголема акција во која се запленети дури 35 тони разновидни пиротехнички средства приведен е и полицаец. И тој бил дел од групата која шверцувала пиротехника во Македонија.