Единствената преживеана Еврејка од Штип се врати во родниот град за да им оддаде почит на депортираните сограѓани
Шела Сион-Алтреаз, единствената жива штипска Еврејка допатува од Израел за да се поклони пред споменикот на депортираните нејзини сонародници и сограѓани. Таа и нејзината сестра успеале да излезат од монополот во Скопје и да не заминат во логорот на смртта во Треблинка. И на 88 годишна возраст добро се сеќава на ноќта помеѓу 10-ти и 11 март 1943 година.
- Беше ноќ. Дојде мајка ми да ме разбуди. Јас не сакам, рано е, не сакам. Брзо стани, облечи се. Излегов, но не разбирав што се случува, имав само 7 и пол години- изјави Шела Сион-Алтреаз, штипска Еврејка.
Шела денес живее во Израел, а нејзиното потесно семејство брои над 20 членови. Ниту еден од 541 штипски Евреин не го преживеа логорот во Треблинка. Секој треба да си сноси лична одговорност за своите дела и постапки, истакна Пепо Леви од Еврејската заедница на Македонија, коментирајќи го официјалниот став на Софија по прашањето за депортацијата на македонските Евреи.
- Дали некој се чувствува виновен или не, тоа е во неговиот генетски код, но исоријата е таква каква што е и никој не може да ја промени, ниту да ја избирише- изјави Пепо Леви, Еврејска заедница во Македонија.
Во чест на своите некогашни сограѓани штипјани организираа марш „Никогаш повеќе“. Денес во Штип нема ниту едно еврејско семејство. Освен споменикот, еврејските гробишта се уште еден нем сведок за некогаш бројната еврејска заедница во градот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар