Македонија
17. July 2025 - 16:31

Одложено рочиштето за Штекли, бил неконтактибилен и дезориентиран

Раде Трајковски Штекли, бил некомпактибилен и дезориентиран, па судењето за него и неговата нарко група денеска не можеше да започне. Од затворот Скопје, чекаа дозвола од судијата припадници од МВР за со брза помош да го спроведат на Ургентен, па го известија судот и со неколку одложувања судијата Илија Трпков реши да го одложи рочиштето.

„Според известувањето, обвинетиот имал напади и во текот на вчерашниот ден, а денеска бил однесен во здравствена установа”, рече судијата Трпков.

Уште вчера повикале брза помош, вели директорот на затворот, но тој одбил да прими терапија. Денеска докторите констатирале дека тој имал епилептичен напад. 

Штекли пак, доставил психијатриско мислење дека не е способен да ги следи судењата. Но обвинителката Верица Бержетска-Крстева, побара од судот да дозволи лекари кои ќе ги одреди Обвинителството за гонење организиран криминал да го посетат Трајковски во затворот и да изготват нивно мислење за психичката состојба на обвинетиот, па да ги споредат двете вештачења на подготвително рочиште. 

Судот го прифати барањето на Обвинителството и уште денеска ќе испратат решение до затворот. 

Со Штекли, има уште 9 обвинети за нелегална трговија со дрога, но судницата денеска беше полна само со адвокати, додека поголемиот дел и од другите обвинети не беа спроведени во судот. 

Обвинителството во мај покрена истрага за нарко групата на Штекли, која нема име споредбено со другите кланови од скопското подземје, а гонеше 17 лица. Седум веќе се спогодија со Обвинителството и добија казни затвор од 3 до 3ипол години, додека судскиот процес за Штекли како шеф на групата и останатите деветмина треба да започне.

Тие се товарат дека нелегално продавале кокаин и марихуана. Грам кокаин чинел и до 100 евра, додека за грам марихуана наплаќале до 5 евра. 

Следното рочиште судијата го закажа за 7 август.