Македонија
29. May 2023 - 12:32

Електронската библиотека на штипскиот универзитет достигна 100 наслови

За 12 години електронската библиотека при штипскиот универзитет достигна 1000 наслови. Е-библиотеката нуди нова можност за изразување и презентирање на издавачката дејност, мултимедијален пристап за брза, точна и бесплатна информација, како за студентите, така и за професорите и истражувачите.

- Оваа бројка од 473 000 симнувања, секојдневно се зголемува, имајќи во предвид дека е колоквиумска недела и дека ни следи јунска сесија, прва и втора декада, овој број наскоро ќе достигне половина милион симнувања на книги, учебници и учебни помагала кои завршуваат во компјутерите, таблетите и паметните телефони на студентите- изјави Лилјана Колева Гудева, раководител на Центарот за издавачка дејност.

УГД е лидер во дигитализацијата во високото образование. Од е_индекс се задоволни 93%, а од е-учење 92% од студентите.

- Целиот информациски систем што е инсталиран на УГД, електронското учење, е-индекс, репозиториумот на академски трудови, publishing системот, сето тоа функционира и веќе ги дава резултатите- изјави Зоран Здравев, раководител на Центарот за е-учење.

Се надминува и можноста за корупција, односно, праксата професорите да бараат студентите да им ги купуваат книгите, а потоа да ги полагаат испитите, а што се потврдува со фактот дека, досега ваква пријава од страна на студентите не е пристигната.

- Нема никаква потреба да има било каква интеракција помеѓу професорите и студентите во врска со книгите. Професорите ги предаваат авторските права на Универзитетот, а Универзитетот ги става на располагање на студентите и таа појава е целосно елиминирана - изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД.

Во електронската библиотека литература има од сите 15 единици на УГД, а од неодамна и од воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје, како придружна единица.