ЕСМ до вторник очекува 4 понуди за гас
ЕСМ до вторник чека понуди од најмалку 4 компании за снабдување со гас. Меѓу нив, една домашна, бугарска, турска и швајцарска фирма чии контакти ги даде опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Критериум за избор ќе биде најниската цена, а според лидерот на опозицијата Мицкоски, компанијата кој тој ја посочил ПЕГЕО, ќе понуди двојно пониска цена од онаа која до сега ја плаќа државата.
„Во текот на вчерашниот ден компанијата која ја посочив достави понуда за гас и таа понуда е многу поповолна од таа која била купена од страна на Владата за втората половина на месец октомври. Компанијата која што требаше да обезбеди ресурс како што е мазутот, ќе достави понуда во понеделник, отприлика цената ја знам и таа цена ќе се движи под берзанската цена натоварена со сите даноци, давачки, акцизи и сето останато на едно пристаниште кај нашиот јужен сосед, останува на владата само да го организира превозот до потрошувачите, тоа се термоелектраните Осломеј и Битола или до термоелектраната Неготино, што значи дека некаде 70-80 евра по тон поевтина од таа која што до сега ја купува владата, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ЕСМ бара над 250 милиони кубни метри гас, за цела грејна сезона да можат да работат двете топлани Исток и Запад, но и приватната термоцетрала ТЕ-ТО. Ако нити една понуда не е прифатлива, од ноември топланите ќе работат на дизел. Во меѓувреме ЕСМ информира дека вчера се произведени речиси 9 илјади мегават часови.
Во функција се 2 блока на РЕК Битола, еден на Осломеј а во ТЕЦ Неготино во тек се сервисни активности, за да се зајакне постројката за следниот период. Мицкоски пак вели дека состојбата со енергетските потенцијали е загрижувачка.
„Неготино не работи од 18 октомври, поради дефект на генераторот, а во Кичево не работи Осломеј бидејќи постојано пукаат цевки, додава Мицкоски.
Инаку, снабдувањето со топлинска енергија засега се одвиви без проблеми, но слаб е одзивот на граѓаните да потпишат нови договори со новиот снабдувач. За една недела само 5% склучиле нови договори со ЕСМ. За да се олесни постапката, од денеска ќе може да се симнат од веб страната на ЕСМ.
Над 60 илјади домаќинства во главниот град се греат на парно. Поради дефекти, 25 станбени објекти се уште се со ладни радијатори.
Во моментов се трошат последните резерви, бидејќи набавен е гас само до крајот на месецов.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
