ЕУ едногласно ја потврди поддршката за Украина и ги продолжи санкциите против Русија

Лидерите на 27 земји-членки на Европската Унија синоќа на Самитот во Брисел едногласно усвоија заклучоци за поддршка на Украина, што е првпат од март минатата година таков документ да биде поддржан од сите членки.
Од март 2025 година, тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан го блокираше усвојувањето заеднички заклучоци, поради што останатите земји-членки беа принудени да усвојуваат одделни текстови со поддршка од 26 или 25 држави. Во некои случаи на Орбан му се приклучуваше и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Со промената на власта во Унгарија и доаѓањето на Петер Маѓар на чело на владата, таквата практика е прекината.
„Денес сите 27 лидери стојат заедно, обединети и посветени на поддршката за Украина. Напредуваме во пристапните преговори, ја зајакнуваме украинската одбрана преку нашите финансиски механизми и го зголемуваме притисокот врз Русија со нови санкции. Нашата стратегија функционира“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на социјалните мрежи.
Во усвоените заклучоци, Европскиот совет повторно ја потврдува „цврстата и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.
Лидерите оценуваат дека руската војна против Украина останува егзистенцијален предизвик за Унијата и нагласуваат дека европската одбранбена подготвеност мора значително да се зајакне до 2030 година.
ЕУ исто така ги продолжи санкциите против Русија за уште 12 месеци. Тоа е првпат секторските санкции да бидат обновени за период од една година, наместо досегашната практика тие да се продолжуваат на секои шест месеци.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
-

Жена од гостиварско брутално претепана од сопругот
-

Албанците го слават Денот на албанското знаме
-

Повторно лажни пораки за наводни сообраќајни прекршоци
-

Над 1.200 лица ќе бидат потребни за изградба на автопатот Прилеп-Битола
-

Јаневска: Не гледам причина за протест ако на студентите им се нуди повеќе
-

Европските либерали од Скопје ќе иницираат укинување на ветото во ЕУ
-

Дебелината кај децата, аларм за родителите и институциите
