Фановите на Тоше во Крушево одбележаа 42 години од неговото раѓање
Со музичко-сценски настан „Ангел си ти“ во изведба на Андријана Јаневска и Бојан Стојков, a со музичка придружба на Џез Сценарио од Битола денеска во Крушево беше одбележан 42 роденден на Тоше Проески. На неговото вечно почивалиште беше положено цвеќе, а тука беа и фановите од балканскиите држави кои рекоа дека личности како Тоше живеат вечно.
„Секоја година доаѓаме тука така ја исполнуваме душата, тоа е потреба која не води и влечи тука“, рече Стела Прислав Вуис, фан на Тоше од Хрватска.
Во Спомен домот беа изложени слики од уметницата Марија Бојкоска, а се промовираа и делата од 26-та керамичка колонија во Велес чија тема годинава беше Тоше и 42 те маички за 42 риот роденден на Тоше штампани со победничкиот мотив изработен од Атанас Ташкоски од Крушево.
„Одма нешто ме натера да нацртам нешто со сина боја, нешто што ме инспирираше, т.е. што ме асоцираше на Тоше, бидејќи отсекогаш тој бил голем хуманитарец“, изјави Атанас Ташкоски, изработувач на победничкиот мотив за маичките.
Тука беше и Наташа Кондрашова од Русија, која како фан на Тоше доаѓала секоја година во Крушево, а од пред 3 години тука оформила и семејство.
„Да, доаѓав за Тоше, прв пат бев тука во 2012 година и секоја година почнав да доаѓам од Северна Русија за Крушево. Пред 3 години го најдов тука и сопругот“, вели Наташа Кондрашова, фан на Тоше.
Годинава турнирот во мал фудбал Тоше Проески од Скопје се сели во Крушево, а Спомен домот продолжува да биде верен чувар на неговото лик и дело.
„Неговата музика да остане вечно во сеќавањето на тие што ја доживеавме во негово време и на младите кои доаѓаат“, вели Лефкија Гажоска, директор на Спомен дом Тодор Проески.
Како и секоја година на неговиот гроб за сите присутни се делеше торта.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар