Франција забрани социјални медиуми за лица под 15 години

Француското национално собрание гласаше за забрана на користењето на социјалните медиуми за деца под 15 години, јави ДПА.
Пратениците во Париз доцна синоќа го усвоија нацрт-законот. Законот предвидува дека пристапот до онлајн услуга за социјално вмрежување обезбедена од онлајн платформа ќе биде забранет за малолетници под 15 години.
Текстот сè уште треба да биде одобрен од Сенатот, Горниот дом на францускиот Парламент, пренесе германската агенција.
Текстот усвоен од Долниот дом не прецизира кои платформи на социјалните медиуми ќе бидат опфатени со забраната. Меѓутоа, јасно е ставено до знаење дека „онлајн енциклопедии“, како и „образовни или научни текстови“, ќе бидат исклучок од забраната. Услугите за приватни пораки исто така нема да бидат засегнати.
Примарната верзија на законот што ја дискутираа пратениците беше помалку драстична, бидејќи на малолетниците им овозможуваше да продолжат да користат одредени платформи со согласност од родителите. Таа одредба сега е отфрлена.
Законот беше поддржан во Националното собрание главно од пратениците од таборот на францускиот претседател Емануел Макрон.
По гласањето, Макрон напиша на платформата на социјалните медиуми X: „Ова е тоа што научниците го препорачуваат и тоа што Французите го бараат со огромно мнозинство“, пренесе ДПА.
Макрон вели дека сака мерката да стапи на сила до следната учебна година. „Од 1 септември, нашите деца и млади конечно ќе бидат заштитени. Ќе се погрижам за тоа“, напиша тој.
Франција веќе се обиде пред неколку години да воведе минимална возраст од 15 години за тинејџерите да креираат свои сметки на социјалните медиуми без согласност на родителите. Меѓутоа, законот не можеше да се спроведе поради законодавството на Европската унија. Дали новите правила се во согласност со важечкото законодавство на ЕУ останува да се види.
Минатата година, Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за барање за минимална возраст за користење на социјалните медиуми во цела ЕУ, иако усвоениот извештај нема обврзувачко правно дејство.
Доколку законот конечно биде усвоен, Франција ќе биде меѓу првите земји што ќе воведат толку строги ограничувања за пристапот на малолетниците до социјалните медиуми, пренесува ДПА.
Во Австралија, на децата и тинејџерите под 16 години неодамна им е забрането да имаат свои сметки на социјалните медиуми на многу големи платформи.
Во Обединетото Кралство, Домот на лордовите минатата недела гласаше за забрана на социјалните медиуми за лица под 16 години, за што сè уште е потребно одобрение од Долниот дом, во кој доминираат Лабуристите.
Во Данска, владата се согласи со опозицијата да воведе национална минимална возраст од 15 години за пристап до одредени платформи на социјалните медиуми.
Во Германија, во тек е дебата за тоа дали пристапот на децата до социјалните медиуми треба да биде ограничен, пренесува ДПА.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Бараме решение за превозниците
-

СДСМ објави нова „бомба“
-

Кочани пред капитален проект, старечки дом за 150 лица
-

Преглед на вестите од светот
-

Ѓорѓиевски најавува паметен зелен бран за да се намалат гужвите низ Скопје
-

Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија
-

Интензивна на Пулмологија исполнета со пациенти кои имаат компликации од грип
-

Блокирани се сите гранични премини, паркирани над 75.000 камиони ширум цел регион
