Македонија
26. January 2026 - 19:46

Интензивна на Пулмологија исполнета со пациенти кои имаат компликации од грип

И на пладне како и во утринските часови редици од пациенти во приортитетната амбуланта на Пулмологија. Имаат по 150 прегледи на ден и велат ова им е секојдневие веќе три недели. Најголем број се лица со хронични заболувања кај кои грипот предизвикал компликации и спасот го гледаат кај пулмолозите. Целосно е исполнето и одделението за интензивно лекување на клиниката каде имаат 7 пациенти кај кои е потврдена инфлуенца. 

-Оваа сезона грипот е со потешка клиничка слика и затоа сите болнички капацитети се пополнети, буквално немаме слободно место. Сепак, ако дојде некој со влошена состојба и ако веќе има ХОББ или астма наоѓаме начин да го задржиме кај нас за полесно да го помине грипот, вели д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката  за Пулмологија. 

Масивните пневмонии се најчестите компликации поради кои пациенти завршуваат на болничко лекување на Пулмологија. Лекарите предупредуваат дека не смеат да се прават грешки и веднаш да се почнува со антибиоткса терапија бидејќи може да ги замаскира симптомите. Велат дека грипот трае од 5 до 7 дена и тој период треба да се одлежи дома со поголем внес на витамини и течности.  

-Ако вењќе после 7 ден имаме кашлица која трае, температура и искашлување на густ секрет, тогаш да се обратат кај нас на клиниката и да видиме со понатамошни испитувања дали е за хоспитализација или пак ќе добие антибиотик за лекување во домашни услови. И уште еднаш апел, за почеток ако е лесна клиничката слика да не се почнува со антибиотик, вели д-р Зафировски. 

Поради компликации од грипот оваа сезона има три смртни случаи на пациенти кои беа хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Две 75 годишни жени и 69 годишен маж кои имале повеќе хронични заболувања и не биле вакцинирани за заштита од вирусот.