Македонија
4. November 2026 - 13:11

ФЗОМ ги засилува контролите во здравствените установи за спречување неоснована наплата на здравствени услуги

- Фондот за здравствено осигурување ги засилува контролите во здравствените установи со кои има склучено договор, со посебен акцент на проверката на наплатата на здравствените услуги и откривањето евентуални неправилности при наплата на услуги што се покриени од задолжителното здравствено осигурување, наведува ФЗОМ во соопштение.

Од таму посочуваат дека целта на засилените контроли е да се утврди дали здравствените установи доследно ги почитуваат договорните обврски и законските прописи, особено во делот на евентуална двојна наплата, односно случаи во кои за иста здравствена услуга се наплатуваат средства и од Фондот и од осигуреникот.

- Фондот потсетува дека за здравствените услуги што се обезбедуваат на негов товар во здравствените установи со кои има склучено договор осигурениците немаат обврска да плаќаат дополнителни износи, освен законски утврденото учество со лични средства (партиципација), доколку за конкретната услуга е предвидено такво учество. Ова се однесува на здравствените услуги опфатени со задолжителното здравствено осигурување во примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита во согласност со утврдените права и услови за нивно остварување, стои во соопштението.

Од Фондот додаваат дека во рамките на контролите особено внимание ќе се посвети на усогласеноста меѓу извршените и фактурираните здравствени услуги, износите наплатени од осигурениците и почитувањето на прописите за учество со лични средства.

- Фондот потсетува дека здравствените установи имаат обврска на видно и достапно место да ги истакнат информациите за висината на партиципацијата во согласност со важечките прописи, а за извршените плаќања да издаваат соодветен законски доказ за наплатата. Осигурениците имаат право на јасна информација за здравствените услуги што ги покрива Фондот, како и за износот што евентуално се должни да го платат врз основа на партиципација, се вели во соопштението.

Доколку при контролите се утврдат неправилности, Фондот ќе преземе соодветни мерки во рамките на своите надлежности во согласност со договорите склучени со здравствените установи и важечките законски и подзаконски прописи.

Воедно, осигурениците што располагаат со информации за евентуална неоснована наплата на здравствени услуги може да се обратат до Секторот за контрола при Фондот, при што нивните пријави ќе бидат разгледани со почитување на приватноста и заштитата на личните податоци во согласност со законот.

Со засилените контроли Фондот ја потврдува својата определба за доследно почитување на правата на осигурениците, одговорно користење на средствата од задолжителното здравствено осигурување и поголема отчетност во работењето на здравствените установи со кои има склучено договор.

 

МИА

Ново на Сител