Македонија
2. September 2023 - 16:31

Габриел: Нема нови услови за Македонија освен преземените обврски - Мичиген го одбележува месецот на македонските Американци

Бугарија има јасна позиција: Македонија мора да ги исполни обврските кои ги прифати лани, вели бугарската министерка за надворешни, Марија Габриел. Во своето обраќање пред бугарските пратеници истакна дека е лажна вест тврдењето дека Бугарија има нови услови за Македонија

„Бугарија ќе продолжи многу јасно да ја брани својата позиција, да потсетува дека стоиме зад исполнувањето на сите услови поврзани со компромисот од јули 2022 година, јасно да се спротивставиме на обидите за лажни информации и дезинформации дека Бугарија има нови услови, а во меѓувреме јасно да опстојуваме на нашиот јазик, култура и идентитет“ – Марија Габриел, министерка за надворешни на Бугарија

Габриел на пратениците им рече дека Народното собрание на Бугарија може да продолжи да биде многу корисно, но не е во надлежност на ниту еден од законодавно тело да се произнесува за вакви теми.

„Само кога ги исполнуваш обврските на кои самиот си се обврзал да ги исполниш, тогаш европската интеграција веќе не е желба, туку станува конкретна перспектива“ - Марија Габриел, министерка за надворешни на Бугарија

Откако во јули годинава, републиканскиот сенатор Брон претстави резолуција во американскиот Сенат да се прогласи септември за месец на македонско-американско наследство во САД, гувернерката на американската сојузна држава Мичиген не почека гласање. Викендов, во Детроит се планирани активности и програми поврзани со македонската култура, а ќе се одржи и 49. национален црковен собир во организација на МПЦ.

Витмер вели дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.

„Септември има значење за македонските Американци како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница“, се вели во известувањето на гувернерката.

Но, бугарското МНР рече дека ќе направи се за да не се донесе резолуцијата.

„Има процедура која е започната, јас ве уверувам дека ќе направиме се што е возможно таа резолуција да нема каков и да било исход“ Марија Габриел, министерка за надворешни на Бугарија

Резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, а потоа да гласа целиот Сенат.