,,Гласен текстилец'' предупредува на непочитување на препораките за топлото време
Од Скопје, Штип и Свети Николе пристигнале пријави до „Гласен текстилец“ дека некои работодавачи не ги почитуваат вонредните мерки и препораките на Владата за работа во услови на високи температури. Ова пред се, се однесува на градежниот и текстилниот сектор, односно, за забраната за работа на отворено од 11.00 до 17.00 часот и при превозот на работниците.
- Автобусите се неклиматизирани, а одговорноста на работодавачите е до работното месо и од работното место до дома. Жал ми е што сообраќајната полиција не е повеќе присутна на терен за да види дека има претовар и дека безбедноста е мисловна именка во однос на организираниот превоз на работниците- изјави Кристина Ампева, ,,Гласен текстилец''- Штип.
Државниот трудов инспекторат посебно внимание обраќа на ослободувањето од работа на лица постари од 60 години и бремените жени.
- Без разлика дали се работи за дејности од текстилната индустрија или други дејности, генерално забраната за бремените жени мора да се почитува. Во моментот фокусот е ставен повеќе на градежната дејност, затоа што ризикот во услови на топлотен бран кога се работи на отворено е многу повисок за тие работни места- изјави Весна Томовска, директорка на Државен трудов инспекторат.
При инспекцискиот надзор за почитување на мерките и препораките утврдени се и други неправилности.
- Најдени се дури и непријавени работници, коишто се детектирани од страна на трудовите инспектори и понатаму е продолжено со постапката- додаде Ампева
Во текот на вчерашниот ден извршени се 55 инспекциски надзори, при што се изречени 13 инспекциски мерки.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар