Гласен Текстилец: Текстилните работнички немаат ниту елементарни работнички права
И во третата деценија од XXI век, жените се во подредена положба во однос на мажите, посебно во текстилниот сектор. Текстилните работнички не можат да ги остварат елементарните права од Законот за работни односи, често се вознемирувани на работното место, односно, им се врши мобинг, што не го пријавуваат, зашто стравуваат дека ќе бидат казнети или ќе добијат отказ.
- Се уште имаме жени работнички во целиот приватен сектор, кои кога ќе дознае работодавачот дека се бремени, не им се продолжува договорот или се отпуштани. Ќе слушнеме и за случајот во Кавадарци, каде што 69 жени, иако им се должеле 3 плати, придонеси и други додатоци, сепак судот одлучил да платат адвокатски и судски трошоци и дека не се во право, изјави Кристина Ампева, Гласен Текстилец-Штип.
За разлика од реалниот, во јавниот сектор припадничките на понежниот пол уживаат поголеми права, активно се вклучени во развојните политики и извршуваат раководни функции.
- Имаме жени советнички, жени менаџери кои што управуваат со одредени институции. Имаме претседател на Совет, секретар на општина, коишто исто така се жени, многу раководители на сектори и одделенија кои се вклучени директно во носењето и креирањето на политики, спроведувањето на одлуки, така што општина Штип е пример како треба да бидат вклучени во генерирањето и креирањето на развојот на градот-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
На меѓународниот ден на жената, текстилните работнички oд Штип, во паркот „Суитлак“ добија мурал со порака, „Се бориме за леб, но се бориме и за рози“.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар