Голема полициска акција во здравството: Под истрага приватна болница, вработени во Фондот и Ден Дончев
Голема полициска акција поврзана со сомнежи за финансиски злоупотреби во здравството се спроведува утрово на повеќе локации низ Македонија. Според неофицијални информации, под истрага се одговорни лица од приватна болница, вработени во Фондот за здравствено осигурување, а во информациите се споменува и поранешниот директор на Фондот, Ден Дончев.
Од Министерството за внатрешни работи официјално потврдија дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според неофицијалните информации, претресите се спроведуваат на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово, а истрагата опфаќа сомнежи за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Неофицијално, се проценува дека штетата врз државниот буџет надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата изнесува околу четири милиони евра. Според истите информации, меѓу оштетените има и пациенти кои се лекувале во здравствената установа.
Од МВР засега не откриваат детали за лицата и институциите опфатени со истрагата, ниту ги потврдуваат неофицијалните информации за висината на финансиските злоупотреби.
Од Министерството најавуваат дека по целосното завршување на полициската акција јавноста ќе биде дополнително информирана.
Ново на Сител
-

Гасот надмина 100 евра за прв пат од 2022 година, ЕСМ преговара за поевтино снабдување
-

Субвенционираниот студентски оброк ќе се зголеми, не се знае кога и за колку
-

Македонија меѓу земјите во светот со најголем број мозочни удари
-

Преглед на вестите од светот
-

Пратенички прашања во Собранието
-

Шефот на словачката дипломатија во официјална посета на Македонија
-

Нема финален договор меѓу МОН и студентите
-

Искра Хаџи Василева е новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
