Греко го затвори надзорот – Македонија со напредок во борба против корупцијата
Македонија доби позитивна оценка од Советот на Европа за напредокот во борбата против корупцијата. Антикорупциското тело ГРЕКО ја затвори постапката за надзор, откако земјава спроведе поголем дел од препораките. Но, некои клучни области, како заштитата на укажувачите и санкционирањето, сè уште бараат дополнителен ангажман.
Групата на држави против корупција на Советот на Европа ја заврши постапката за надзор врз Македонија.. Според најновиот извештај на ГРЕКО, земјава постигнала значителен напредок во спречување на корупцијата во највисоките владини структури и полицијата.. Дел од вкупно 23 препораки се веќе целосно спроведени, но, има и такви што се уште чекаат целосна реализација..
Во делот на највисоките извршни функции, ГРЕКО ги поздравува чекорите за транспарентност на Владата која сега јавно ги објавува лицата поканети и присутни на владини седници и работни групи. Воведени се и нови упатства за пријавување подароци, а се развива и онлајн каталог со податоци за добиени подароци, се вели во извештајот на ГРЕКО..
„Во однос на највисоките извршни функции, забележани се голем број позитивни движења. Создадена е електронска база на податоци за регистрација и проверка на анкетните листови на избраните и именувани функционери и направена е анализа за оценување на процесите и практиките на Одделот за следење на имотната состојба при ДКСК“, се наведува во дел од извештајот на ГРЕКО.
ГРЕКО нотира и напредок кај полицијата каде според извештајот се спроведуваат реформи за зголемување на нејзината оперативна независност и надзор. Сепак, во извештајот се наведува дека има и слабости, особено во делот за заштита на укажувачите..
Со најновиот извештај, ГРЕКО информира дека е затворена постапката за усогласеност на петтиот круг на еваулација за Македонија, но како што наведува, очекува државата да информира за напредокот во спроведувањето на препораките кои делумно останале недовршени..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар