Хеликоптерот на МВР активиран за пожарот кај Свети Николе, целосно изгаснат пожарот кај Штип
Голем пожар избувна денес на пладне во непосредна близина на Свети Николе. Поради опасноста огнот да ги зафати блиските штали и викендички, во гаснењето беа активирани и два хеликоптери на МВР. Гори сува трева и ниска вегетација.
- Дува ветер и можно е да се прошири на спротивната страна, но сега за сега е под контрола. Во моментот ги очекуваме, едно возило со 5 пожарникари од Штип, кои треба да пристигнат во секој момент и две теренски противпожарни возила од Велес. Се надеваме дека нема да има проширување, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Пожарот кој доцна синоќа избувна на потегот помеѓу селото Драгоево и затворот на 6 километри од Штип, во близина на патот кон Радовиш, утринава е локализиран. Во гаснењето на пламените јазици кои се закануваа да се прошират и кон селата Софилари и Пенуш, учествуваа 4 противпожарни возила со 13 пожарникари.
- Пожарот беше од големи раземери. Отежнувачки беше што имаше многу ветер, гаснењето се одвиваше во ноќни услови, така што усшпеавме после 2-3 саати да го ставиме под контрола, а веднаш потоа и да го изгасниме. Имавме помош од месното население, со трактори одораа, помош од ЦУК, така што сите заедно успеавме да го локализираме и изгасниме пожарот- изјави Дарко Коцвв, командир на ТППЕ Штип.
Според првичните проценки, опожарени се околу 500 ха нискостеблеста шума, сува трева и стрништа. Пожарникарите остануваат на терен, зашто се уште има потенцијални жаришта кои на високите температури можат повторно да го разгорат огнот.
- Денес остануваме овде во конролоа, за да не настане друг пожар, бидејќи гледаме дека ветерот повторно прави проблеми- додаде Коцев
Се претпоставува дека причина за двата пожари се запалени стрништа.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар