Хуманитарни паркинг места во Штип
Со пари собрани од паркирање во т.н. хуманитарна зона ќе се полни солидарниот фонд на општина Штип. Во централното градско подрачје, 131 паркинг место посебно се одбележуваат со креативни творби.
Дел од средствата од паркинг услугата ќе бидат наменети за донации и хуманитарни акции, за да не мора граѓаните, на кои им се итно потребни, да прибираат пари преку СМС пораки.
- Со цел да покажеме како многу пати до сега, дека Штип е град на солидарноста, град на хуманоста и да ја подигнеме свеста на граѓаните за користење на овие паркинг позиции, како и да ја актуелизираме потребата од солидарниот фонд, овие средства ќе се користат за помош на наши сограѓани од ранливите категории, како и за итни случаи на кои им е потребна ургентна финансиска помош- изјави Панче Стефановски, директор на ЈП ,,Стипион''- Штип.
Паркинг местата воглавно се концентрирани на платформите на река Отиња и улицата пред општинската зграда, каде граѓаните наместо 20 денари, ќе плаќаат 30 денари за првиот и секој нареден час.
Идејата за формирање на солидарен фонд се иницира пред 6 години, кога градот се сплоти и обезбеди 40 000 евра за своја млада сограѓанка за лекување во странство.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар