Македонија
26. February 2023 - 16:38

И по шест месеци од африканската чума, на истокот не се одгледуваат свињи

Африканската свинска чума го десеткуваше сточниот свински фонд во источниот регион. Традиционалниот или екстензивен начин на одгледување свињи за домашни потреби заминува во историја. Новите правила што ги воведува Агенцијата за храна и ветеринарство, усогласени со европските стандарди, нема да може да ги задоволи секое домаќинство, сметаат жителите на општина Чешиново-Облешево.

- Мислам дека нема да може секој да чува, туку само одредени фарми. Ќе бидеме доведени во ситуација и од тоа да се откажеме и да не чуваме- изјави Тони Максимов, жител на с. Облешево.

Шест месеци по извршената депопулација на свињите во заштитените зони, се уште чекаат одговор на прашањето, кога ќе можат повторно да ги обноват домашните фарми, но овој пат со инкорпорирани биосигурносни мерки.

- Имам разговарано со директорот на Агенција за храна и ветеринарство, но нема повратна информација од кога, како и што. Наместо да произведеме, да имаме поефтина храна, зошто не ни дозволуваат, кога еве сега нема епидемија, нема ништо, прашува Здравко Арсов, жител на с. Облешево.

Одгледувачите на кои им беа одземени и уништени свињите, се скоро во целост обештетени.