Македонија
23. August 2022 - 16:34

Ирена Сотирова Бухова повеќе нема да биде директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат

Ирина Сотирова Бухова нема веќе да биде директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Нејзиниот мандат како прв човек на ДСЗИ истекол во април годинава, но продолжила да ја врши функцијата се до назначувањето на нов директор. Според информациите по завршување на мандатот пред 4 месеци Бухова самата побарала Владата да постави друг вршител на должноста кој ќе раководи со здравствениот инспекторат.

Во меѓувреме опозициската ВМРО ДПМНЕ неколку дена на прес конференции ја обвинува Бухова дека дозволила приватна очна болница во центарот на Скопје да продолжи да оперира пациенти без дозвола.

- Ирина Бухова е само последна во низата на директори што даваат оставка или да речеме, си бараат изговори дека одамна сакала да си замине од функцијата, ама не можеле да и најдат достојна партиска замена, а всушност, Бухова си заминува во оној момент кога објавуваме огромен скандал за нејзе, каде што дозволила приватна очна болница да оперира на диво.
Одговорност мора да има. Уште еднаш го повикувам Беким Сали, во најбрз можен рок, заедно со другите институции за спроведување на законите, да отвори истрага за овој случај и да ги изнесе фактите во јавност, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Претходно од ДСЗИ ги негираа овие наводи и информираа дека по констатираните неправилности установата ја обновила дозволата од министерството за здравство.

Инаку, доктор Ирина Сотирова Бухова за директор на ДСЗИ беше назначена во 2017 година, а се очекува на некоја од наредните седници Владата да назначи нов прв човек на здравствениот инспекторат.