Јавна дебата за изградбата на ХЕЦ Чебрен
Не стивнуваат реакциите откако владата даде концесија на грчки Архиродон за користење на водата на Црна Река за производство на струја, со изградба на хидроелектрични централи.
Според познавачите, овој проект е обединувачки и не требало да се даде на странска компанија. Анализите покажале економска оправданост и затоа странците сакале да го земат.
„Предностите ако Македонија го гради овој проект ќе бидат повеќекратни. Тој ќе биде проект во кој може да се обедини македонското општество и политички и социјално и економски. Да се подигне македонската градежна индустија, патишта, брани. Тие граделе порано, а сега се уништени и работат како аргати за туѓи компании, наместо свои на своето да градиме. Не е енергетски, ова е водостопански проект. Ни ја земаат водата на 66 години да ја управуваат. Жална Македонија...“ – Константин Димитров, аналитичар
Од ЕСМ, пак, велат дека ова е еден од најголемите проекти во регионот, а висината на браната ќе биде една од најголемите во светот.
„Интенцијата на сите влади во изминатите 30 години била да се даде Чебрен на странски партнер. Токму поради полесната достапност на финансиите, комплексноста на проектот, истакнувањето на нови знаења. ЕСМ ќе има дел од 33% во заедничката компанија што значи дека и ЕСМ ќе биде активен во овој проект и има свои обврски преку изградба на пристапниот пат, приклучокот на мрежа и експропријацијата“ – Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во ЕСМ
Проценетата вредност на инвестицијата е 1 милијарда евра. Ако се изгради хидроелектраната Чебрен треба да произведува струја колку сите хирдроцентрали во земјава заедно. Ова е 14-ти обид за доделување на концесија на Црна Река во изминатите 20 години. Идејата, пак, за Чебрен датира од 30-тите години на минатиот век.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
