Балкан
5. April 2026 - 16:48

Јотова подготвува офанзива во Брисел против укинувањето на ветото во ЕУ

Официјална Софија подготвува дипломатска офанзива во Брисел за одбрана на своите позиции во однос на македонските евроинтеграции. Ова доаѓа во период кога сè погласни се пораките од европските институции за укинување на ветото при прием на нови членки и премин кон квалификувано мнозинство.

Бугарската  ретседателка Јотова свика итен состанок со европратениците од својата земја, порачувајќи дека е потребна поактивна координација и ангажман на сите институции за заштита на националните позиции.

Од нејзиниот кабинет соопштија дека учесниците се согласиле – Бугарија мора цврсто да остане на своите ставови и да инсистира Скопје да ги исполни обврските од францускиот предлог.

-За да ги започне преговорите, РСМ мора да ги исполни своите обврски со впишување на Бугарите во својот Устав. Бугарија и Северна Македонија немаат билатерален проблем; западниот сосед мора да ги исполни европските критериуми за членство, од кои основен е заштитата на човековите права… Во разговорот беа разгледани обидите на Северна Македонија да промени елементи во прифатената преговарачка рамка кои се во спротивност со европскиот консензус од 2022 година. Се дискутираше и за опасноста од промена на начинот на гласање при прием на нова држава во Европската Унија со квалификувано, наместо со целосно мнозинство“, стои во соопштението од бугарскиот кабиент.

Состанокот доаѓа во пресрет на гласањето за извештајот за Македонија во Европскиот парламент, закажано за јуни, чиј известител е европратеникот Томас Вајц. Во меѓувреме, тој оцени дека Европската Унија не е доволно фер во процесот на проширување кон Македонија.

Паралелно, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика на укинување на ветото во Унијата. Иако не ја спомена директно Македонија, тој предупреди дека блокадите од поединечни земји членки ја ослабуваат Европската Унија на глобалната сцена и се заложи за квалификувано одлучување во надворешната и безбедносната политика.

И додека дипломатските пораки се засилуваат, се заострува и домашна политичката реторика за евроинтеграциите. Власта и опозицијата веќе со денови меѓусебно се обвинуваат за предавство на националните интереси.

Премиерот Мицкоски, пак, обвини дека СДСМ и Филипче, како што рече, „коленичат“ пред Софија и дека тоа е нивната единствена стратегија за евроинтеграција на земјата.