Македонија
4. January 2022 - 16:38

Кавга во штипското акушерско одделение - Директорот од СДСМ му забрани влез на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ

Скандал на акушерското одделение при штипската клиничка болница.

На градоначалникот на Штип Иван Јорданов и неговиот тим им беше забранет влез на одделението, за традиционално врачување на подароците на првото новороденче во новата година, кое се роди утринава во 9 и 30 часот.

- Директорот на Клиничка болница им забранил на вработените на акушерското одделение, според негови протоколи, да го пуштат градоначалникот на традиционална посета која со години се одвива.

-Жалам што оваа скандалозна ситуација е настаната во нашиот град- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Директорот на болницата, Ален Георгијев, денеска не сакаше да го коментира случајот и во телефонски разговор истакна дека, утре на прес конференција ќе ги образложи причините за ваквата негова одлука.

Инаку, новороденчето и неговата мајка сепак ќе ги добијат подароците од општината кои беа оставени во болницата. На првото новороденче на штипско акушерско се чекаше дури 3 и пол дена во новата година, што е преседан со години, а можеби и децении наназад. Новороденчето е женско дете, а неговите родители се од општина Радовиш. Штип се уште ја чека првата рожба во 2022-та година.