Македонија
5. August 2025 - 16:34

Објавен огласот за избор на претседател на Антикорупциска, трае 10 дена

Собранието го објави огласот за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Одлуката денеска излезе во Службен весник, со што почна да тече десетдневниот рок во кој заинтересираните кандидати, ќе можат да ги достават своите пријави.

Како што се наведува во огласот, за претседател на ДКСК, може да биде именувано лице кое е државјанин на Македонија, да има деловна способност, да е факултетски образовано во областа на правните науки, политичките, комуниколошките или економски науки, со најмалку 10 години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум со искуство во откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување. Кандидатите не треба да имаат изречена забрана за вршење професија или дејност, а се бара и нотарска потврда дека пријавениот во претходните десет години не бил пратеник во собранието, донирал во политичка партија или извршувал функција во органи на политичка партија.

Антикорупциска од минатата недела е без претседател. Оставката на Татјана Димитровска ја потврди собранието и распиша оглас за нејзин наследник. Засега, е непознато дали постапката за избор ќе спроведува по распишување на локалните избори. Собранискиот спикер најави дека ќе бара правно толкување, бидејќи за неколку денови се распишуваат изборите за градоначалници, а законите забрануваат спроведување на постапки за вработување.

Според роковникот за избор, предвиден во Законот за спречување на корупцијата, процесот трае повеќе од три недели, потоа следуваат интервјуа со кандидатите и гласање на собраниска седница.

Од позицијата прв човек на ДКСК, Димитровска, замина откако Јавното обвинителство откри дека оддвала службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, а сторила и кривично дело компјутерски фалсификат зашто во нејзино име друг го полагал тестот за сертификат за државна тајна.

Јавното обвинителство побара Димитровска да седне на обвинителна клупа со останатите обвинети во случајот Адитив, додека нејзиниот адвокат бара да и се суди одделно.