Македонија
18. November 2023 - 17:18

Ќе добие ли Клинички еден директор до Нова година?

Ќе успее ли Фатмир Меџити да ги спои клиниките на Клинички во една целина која ќе ја раководат еден или двајца менаџери? 

Ова беше едно од првите ветувања на министерот за здравство по стапувањето на функција пред 9 месеци. Тој се уште стои позади планот, но времето е се пократко. 

- Најболна точка како лекар, баш на интерните клиники пациентите се шетаат по ходници и тоа нема да го дозволиме. Тоа го најавив како приоритет. Работиме интензивно со сите засегнати страни и сега дали ќе биде после Нова година или ќе трае уште малку не би знаел точно да ви кажам бидејќи има правни процедури и одземаат на време и ги одлагаат овие рокови кои ние сакаме да ги поставиме да биде побргу, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Дополнителен проблем според познавачите е периодот на предизборие. Па оттука се поставува прашањето, ќе дозволат ли коалиционите партии во Владата, токму сега, да останат без раководни функции 60-тина нивни партиски членови. Според информации на Сител, пред извесно време на владина седница информацијата на Минитерството за здравство за спојување на Клиничкиот Центар била повлечена од дневен ред. 

Инаку, сегашните 30 –тина медицински и исто толку организациски директори, како и управни одбори во секоја здравствена установа на Клинички или околу 200 функционери, граѓаните ги чинат околу 1 милион евра. Речиси сите министри последните 6 години најавуваа дека ќе ги укинат организациските директори, истото го вети и СДСМ во предизборната програма 2016-та. Но, тоа не се случи. 

Во меѓувреме, наместо со двојните менаџери да се работи подомаќински, долговите во јавното здравство се зголемуваат и сега изнесуваат над 100 милиони евра, дури 30 милиони повеќе за две години. Најголем должник со 20 милиони евра е Службата за заеднички работи на скопските клиники.

Клинички беше реорганизиран во 30-тина посебни субјекти во 2007. 

Од друга страна, изградбата на нов модерен медицински комплекс изминатиот период воопшто и не се спомнува.