Комеморативен настан „Ден на сеќавање - 16 март 2025“: Да споменуваме дека имаме чета ангели на небото и да се гордееме што ги имавме со нас

Помина една година, а раните не само што не се затвораат, туку стануваат подлабоки и пострашни. Годината што измина само успеа да го соочи Кочани со страшната вистина дека еднаш засекогаш ги нема. Не можевме да ги заштитиме од смртта, но можеме да го зачуваме споменот за нив, да споменуваме дека имаме чета ангели на небото кои се молат за нас и да се гордееме што ги имавме со нас на земјата како наши чеда, браќа и сестри, роднини, пријатели.
Ова беше пораката од денешниот комеморативен настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025", во Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани, на одбележувањето на годишнината од трагичниот настан.
-Песната во грло им беше кога заминаа и додека тие со песна беа дочекани горе, нас само тагата ни остана ... затоа пејте ни ангели ... Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и на Владимир Блажев.
Почивајте во мир. Никогаш нема да бидете заборавени и ќе живеете во нашите срца - беше порачано на комеморацијата на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс".
Со немо сведоштво за неисполнетите животни страници и празнината што ја оставија зад себе идните - инженери, фудбалери, лекари, фотографи, музичари, програмери... во тага и солзи следеше преполната сала во Центарот за култура „Бели мугри" во Кочани.
-Изгубивме идни инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, работници, идни мајки и татковци. Изгубивме цела генерација млади луѓе кои требаше да бидат иднината на нашата држава. Трагедијата што го потресе Кочани е рана за целото наше општество. Таа сите нè направи кревки и ранливи, нè соочи со смртта одблизу и ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта, колку е непредвидлив животот и колку е нужно да се избегнува сето зло на земјата и да се следи доброто, колку сме си важни едни на други и во добро и во зло, беше посочено на комеморацијата.
На годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“, Општина Кочани, заедно со Здружението „16 Март 2025 година – Кочани“, во соработка со Црвен крст Кочани, оддава должна почит на сите кои ги загубија животите во страшната трагедија.
МИА
Ново на Сител
-

Разговор со градоначалникот Грозданов и директорката на болницата во Кочани, Паниќ-Мирчовска
-

Разговор со Томи Димитријев и Марко Димитријев - Support Kocani
-

Разговор со Томчо Стојанов, татко на Андреј кој загина во пожарот во „Пулс“
-

Настап кој заврши како трагедија - Кобната ноќ во Пулс
-

Една година од трагедијата во „Пулс“
-

„Пулс“ во судница: Кој е виновен за трагедијата во Кочани?
-

Сведоштво на Дарко Стојанов за кобната вечер во „Пулс“: Ниту денеска не знам кој ме извади онесвестен
-

Сведоштва на лекари и сестри за трагедијата од Кочани
