Комисијата препорача укинување на сертификатите за влез во моловите
Се укинуваат сертификатите за влез во моловите. Ваква препорака донесе Комисијата за заразни болести, но сепак потврда за вакцинација или прележаност граѓаните треба да се покажат доколку седат во рестораните или кафетериите во затворените трговски центри.
-Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече проф.д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Во исто време кога се укинуваат сертификатите за во моловите, здравствените власти почнуваат кампања за зголемување на опфатот за вакцинација и повик на хронично болните да примат бустер доза. Околу 260.000 граѓни ќе добијат порака преку Мој Термин кога да се појават во најблискиот вакцинален пункт.
-Ризични групи граѓани, односно оние кои имаат над 65 години и имаат коморбидитети или помлади од 65, а имаат повеќе коморбидитети. Ќе им стигне СМС порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани, информира д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
И понатаму останува обврската за носењето маски во училиштата. За ова денеска не се разговарало на Комисијата за заразни болести иако скринингот покажа многу мала распространетост на вирусот во образовните установи. Инаку првичните резултати од серолошкиот скрининг покажуваат дека од тестирани 920 граѓани во Скопје над 80 проценти од вакцинираните имале антитела, а 170 невакцинирани над 70 отсто имале имунитет за Ковид.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
